Конференција за Промовирање на нови можности за вработување во прекуграничниот регион
На 25-ти април (четврток) во Центарот за култура „Ѓорче Петров“ се одржа промотивна конференција на проектот „Премостување на родовиот и возрасниот јаз на пазарот на труд преку градење капацитети и промовирање на нови можности за вработување во прекуграничниот регион – ЦБЦ еквилајзер за пол и возраст на работните места“.
Имплементацијата на проектот започна во септември 2023 година и ќе трае до март 2025 година. Проектниот го спроведуваат партнерските организации Здружение на бизнис жени Србија, Фондација за Менаџмент и индустриско истражување, Здружение на бизнис жени на Врање и Здружението Праведни и професионални од Скопје.
Настанот го отвори претседателката на Здружението Праведни и професионални, г-ѓа Тинка Китеска, по што свое обраќање имаше и градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, г. Александар Стојкоски, кој го нагласи значењето на ваквите проекти и соработката помеѓу секторите за успешно спроведување на активностите и постигнување на проектните цели.
Потоа, комуникацискиот менаџер во Фондација за менаџмент и индустриско истражување – МИР – Миа Ботинова Димитрова, детално ги опиша предвидените цели и активности. Општата цел на проектот е зголемено учество на жените, младите и ранливите групи на жени на пазарот на труд преку воведување иновативни пилот мерки за нивна поддршка. Овие пилот мерки вклучуваат:
– Обука за родови стереотипи;
– Обуки за занимања во сектори во кои доминираат мажите, вклучувајќи информатичка технологија, обработка на метали и градежништво;
– Теренска посета на работодавачите од таргетираните сектори;
– Менторска програма;
– Кампања за подигање на свеста против родовите стереотипи;
– Креирање документи со препораки за јавни политики за придобивките од оваа програма;
– Видливост и прекугранично вмрежување преку изработка на веб платформа и студиска посета на учесниците од Србија во Македонија.
По своето излагање, Миа Ботинова Димитрова ја отвори првата панел дискусија на тема „Родовиот јаз на пазарот на труд“, во која учествуваа претставници од Комисиите за еднакви можности на мажите и жените на општините Ѓорче Петров и Бутел – г-ѓа Оливера Николовска и г. Горан Гроздановски, како и претставнички од Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија, г-ѓа Даниела Јаневска и г-ѓа Санела Доневска Андоновска. Николовска и Гроздановски дадоа детален опис за работата на овие Комисии како и во поглед на надминување на родовиот јаз на пазарот на труд, така и во однос на целокупното прашање за родовата рамноправност во општините. Јаневска и Андоновска ја презентираа работата на Конфедерацијата и ги нагласија предизвиците со кои се соочуваат жените на пазарот на труд – помалку раководни позиции за жените, родов јаз во платите, помалку можности за самовработување, итн. Тие дадоа и свои предлог мерки за справување со овие предизвици кои вклучуваат: олеснување на улогата на жените во домот, таргетирана поддршка за жените, специјални тренинг програми, јакнење на свесноста за бенефитот од родовата еднаквост за сите во општеството, можности за работа од дома и скратено работно време.
Конференцијата продолжи со втората панел дискусија на тема „Поддршка за зголемена вработливост на младите. Во овој панел учествуваа г-ѓа Сара Миленковска, коосновачка на Мрежа Стела – граѓанска организација која се стреми да го подобри пристапот до образование и економското зајакнување на жените и девојките во Македонија. Миленковска се осврна на менторската мрежа на Стела која им дава поддршка на младите девојки од средно образование, студентки како и дополнителна поддршка за овие групи по завршување на образованието и при нивно вклучување на пазарот на труд. Потоа г. Филип Ивковски, претседател на Националниот младински совет на Македонија го нагласи значењето на младинскиот стандард и потребата не само од работни можности, туку и квалитетни работни можности за младите. Ивковски го истакна недостатокот од практични вештини во образованието и практикантските програми и обуки на НМСМ за кариерен развој и поврзување на младите со работодавците кои се стремат да го надополнат овој недостаток во образованието.
Сè на сè, оваа конференција понуди одлична можност за промовирање на проектните цели и активности како и можност за размена на значајни информации во поглед на родовиот јаз на пазарот на труд и младинската невработеност во Македонија.