1

Интервју со Мартина Димоска: Пионерство во вселенската индустрија

Создадовме платформа за жени миленијалки кои работат во индустријата и се подготвени да ги споделат своите успешни приказни. Започнавме серијал интервјуа каде ги пренесуваме нивните инспиративни искуства и успеси, ставајќи акцент на жените што го трансформираат светот околу себе. Разговараме со Мартина Димоска, вработена како Human Spaceflight Consultant.

1

Можете ли да ни кажете повеќе за компанијата во која работите и нејзината цел?

Јас сум Human Spaceflight Consultant во Blue Abyss со седиште во Обединето Кралство како и во NASA Glenn Истражувачкиот Центар, каде придонесувам за развој на концепти за човечки вселенски лет, тренинг во екстремни средини, подготовка за идни комерцијални и истражувачки мисии, интернационални партнерства, како и во пишување и подготовка на научни грантови и повици и нивна реализација. Активно учествувам и во аналогни астронаутски мисии, кои симулираат лунарни или длабоко-вселенски услови и претставуваат мост помеѓу истражувањето и реалната подготовка на мисиите. Дополнително, основач и претседател сум на International Space Alliance (ISA) – меѓународна организација која работи на пресекот помеѓу вселенската индустрија, науката, технологијата и индустриското образование. ISA започна како иницијатива со седиште во Македонија и иницијални активности на Балканот, а денес делува интернационално, со седишта и партнерства во Европа и во Силициумската Долина во Калифорнија, Соединетите Американски Ддржави. Нашиот фокус е на градење капацитети, истражувачка соработка и создавање практични патеки за вклучување во вселенската индустрија, особено за кадри кои не доаѓаат од вселенски напредни држави.  Мојата цел е да придонесам кон одржлив човечки престој надвор од Земјата, но и да отворам простор за нови генерации да влезат во оваа исклучително затворена и конкурентна индустрија.

Со какви предизвици сте се соочиле како жена миленијалец која работи во вашата индустрија, и како сте ги надминале?

Вселенската индустрија, особено во областа на човечкиот вселенски лет, има една од највисоките бариери за влез. Како жена од Балканот, работам во простор во кој историски речиси и да немало жени од регионот, а и денес нивниот број е исклучително мал – особено жени кои активно дејствуваат во индустриски и оперативни улоги, а не исклучиво во академската сфера.  Во многу професионални средини, често сум единствената жена од овој регион. Предизвиците не беа само технички, туку и структурни – пристап до мрежи, доверба, финансирање и можности кои често не се транспарентни. Особено како млада жена во лидерска улога, морав постојано да го градам и докажувам својот кредибилитет. Тоа го надминав преку мерливи резултати, практично истражувачко искуство, учество во аналогни мисии, меѓународна изложеност и преку градење сопствени платформи и иницијативи, наместо чекање дозвола. Да, „го живеам сонот“, но тој сон доаѓа со постојана напорна работа, висок интензитет на обврски и соочување со системски и културни бариери. Со текот на времето научив дека издржливоста, дисциплината и психолошката стабилност под притисок се подеднакво важни како и техничката експертиза.

Кои компетенции или вештини сметате дека се највредни за жените миленијалци на работното место, и зошто?

Мислам дека една од најважните вештини денес е адаптибилноста. Работната средина брзо се менува, особено во индустрии поврзани со технологија и иновации. Жените миленијалци се познати по својата независност, упорност и креативност, што им овозможува успешно да функционираат во динамични и комплексни средини.

Во високо-структурирани и ризични индустрии, како вселенската, тие имаат силна способност да претвораат комплексни проблеми во практични решенија, да управуваат со проекти, да координираат тимови и јасно да комуницираат под притисок. Дополнително, емоционалната интелигенција, тимската зрелост и стабилноста под стрес се клучни – бидејќи една „слаба алка“ може да влијае врз целиот систем или мисија.

Martina Dimoska

Како жените миленијалци можат да продолжат да ги развиваат и усовршуваат своите вештини во индустријата?

Преку практично искуство, меѓународни проекти, менторство и активно учество во професионални заедници. Аналогните астронаутски мисии и индустриските програми се особено вредни, бидејќи ја приближуваат реалноста на работата и одговорноста. Времето, конзистентноста и подготвеноста да се работи и кога условите не се идеални, на крајот се исплаќаат.

Како сметате дека жените миленијалци носат уникатна перспектива во индустријата во споредба со претходните генерации?

Нашата генерација порасна во период на брзи технолошки и општествени промени, што нè направи пофлексибилни и посвесни за вредности како инклузивност, одржливост и важноста на човечкиот фактор. Во традиционално строги и хиерархиски системи, жените миленијалци носат баланс помеѓу иновацијата и стабилноста и гледаат на работата како платформа за влијание и конструктивни промени, а не само како позиција.

Како ја гледате улогата на менторството и поддржувачките мрежи во напредокот и успехот на жените миленијалци на работното место?

Менторството и поддржувачките мрежи се клучни за надминување на невидливите бариери. Тие обезбедуваат насока, самодоверба и чувство дека не сте сами во процесот. Според мене, тие често прават разлика помеѓу тоа дали некој ќе се откаже или ќе продолжи. 

Меѓусебната поддршка меѓу жените, и формирањето на здрава женска заедница е исто толку важна. Да се биде „girl’s girl“значи свесно да се поддржуваат другите жени, да се радуваме на нивните успеси и да создаваме пријателства базирани на доверба, а не на конкуренција. Долгорочно, таа колективна поддршка ја гради заедницата, отвора можности и создава средина во која секоја може да напредува – дури и кога сопствениот момент допрва доаѓа.

MG


Мартина Димоска

Human Spaceflight Consultant

Добивај информации по е-пошта

Биди во тек со сите активности!