Интервју со д-р Маја Аначкова: Водечката улога на жените миленијалци во науката и индустријата
Создадовме платформа за жени миленијалки кои работат во индустријата и се подготвени да ги споделат своите успешни приказни. Започнавме серијал интервјуа каде ги пренесуваме нивните инспиративни искуства и успеси, ставајќи акцент на жените што го трансформираат светот околу себе. Разговаравме со д-р Маја Аначкова ,Доцент на Машински факултет-Скопје, Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Можете ли да ни кажете повеќе за компанијата во која работите и нејзината цел?
Работам како доцент на Институт за механика при Машинскиот факултет во Скопје. Институтот за Механика во рамки на својата работа ја одржува насоката Мехатроника. Институтот за механика е посветен на образование на своите студенти во напредни интердисциплинарни области и применето истражување. Во основата на Институтот се научни и образовни достигнувања во полето на механиката и мехатрониката. Приоритетот на Институтот за механика е развој на научни и истражувачки активности кои ги вклучуваат глобалните трендови во механиката и мехатрониката, вклучувајќи образовни процеси кои имплементираат модерни наставни материјали и методологии.
Со какви предизвици сте се соочиле како жена миленијалец која работи во вашата индустрија, и како сте ги надминале?
Жените во инженерските професии веројатно често се соочуваат со уникатни предизвици кои произлегуваат од долготрајните родови разлики во областа. И покрај зголемените напори за промовирање на различноста, претпоставувам дека многу жени се соочуваат со предрасуди, стереотипи и недостаток на застапеност на лидерски позиции, што може да влијае на нивната самодоверба и напредување во кариерата. Во мојот случај, културата и средината на работното место како професор на факултетот, односно во академија никогаш не направила да се чувствувам потценета или помалку вредна, напротив. Секогаш сум верувала дека можам да го оправдам моето место на работната позиција, и тоа сум го докажала. Вредната работа и посветеност не препознава пол, и секогаш кога некој ќе се сомнева во тоа, треба да му го докажеме спротивното. Во секој случај, сметам дека клучна е самодовербата, ставот и истрајноста. Решавањето на овие предизвици верувам дека бара силни системски промени, но и индивидуални промени на ставот на жените кон средината, но уште поважно кон себе. Оптимистички верувам дека денес предрасудите се се помалку присутни, но сепак мораме континуирано да ги мотивираме и охрабруваме жените да се ценат себе и својот потенцијал.
Кои компетенции или вештини сметате дека се највредни за жените миленијалци на работното место, и зошто?
Критичкото размислување и вештините за решавање проблеми и наоѓање на иновативни решенија можат да им овозможат на жените да се справат со сложените предизвици на денешното живеење. Нивната приспособливост да ги прифатат промените и да учат од неуспесите, поттикнувајќи го начинот на размислување е од суштинско значење во денешниот динамичен живот со брзо темпо. Многу се важни силните комуникациски вештини кои ќе им помогнат ефикасно да ги артикулираат своите идеи, да се залагаат и да веруваат во себе и да градат контакти. Соработката и тимската работа се важни компетенции. Од друга страна, жените не само што мора да се истакнуваат во нивните улоги, туку и да ги инспирираат идните генерации да ги срушат бариерите и да ги редефинираат застарените идеи за тоа што значи успехот.
Како жените миленијалци можат да продолжат да ги развиваат и усовршуваат своите вештини во индустријата?
Жените можат да продолжат да ги развиваат и усовршуваат своите вештини преку искористување на можностите за професионален раст. Според мене ова вклучува учество во настани за вмрежување и одржување на социјалните релации во различни области. Вклучувањето во мултидисциплинарни проекти, може да им помогне да ги идентификуваат областите за подобрување и проширување на својата експертиза. Дополнително, негувањето силен личен бренд и идентитет, како и креативно лидерство може да ги отвори вратите за нови можности. Со одржување на начин на размислување за раст и постојано поставување на нови цели во кариерата, сметам дека жените можат да се позиционираат како приспособливи и напредни професионалци.
Како сметате дека жените миленијалци носат уникатна перспектива во индустријата во споредба со претходните генерации?
Жените денес можат да придонесат кон уникатна перспектива во секоја област и кариера. Растејќи се во дигитална ера, тие треба да бидат технолошки вешти во користењето иновативни алатки за решавање на проблемите и подобрување на продуктивноста. Искуствата при справување со општествените промени поттикнале издржливост и остра свест за социјалните и еколошките прашања, кои тие би требало да ги интегрираат во нивните професионални стратегии. Фокусот на новата генерација на жени насочени кон работата ги прави одлични во обликувањето на подинамични и попрогресивни индустрии.
Како ја гледате улогата на менторството и поддржувачките мрежи во напредокот и успехот на жените миленијалци на работното место?
Мрежите за менторство и поддршка се многу важни за унапредувањето и успехот на жените на работното место. Силен ментор може да обезбеди увид во предизвиците во кариерата, градењето лидерски вештини и идентификување на можностите за раст, а истовремено служи како извор на инспирација. Мрежите за поддршка, без разлика дали се формални или неформални, создаваат чувство на заедница и поттикнуваат соработка. Овие врски не само што ја зголемуваат довербата, туку и го олеснуваат пристапот до различни перспективи и можности за подобрување на кариерата.
Серијалот на интервјуа е дел од проектот EMPOWERING (EMPOWERING – EmpoweRING M-women in industry) кој е посветен на жените од милениумската генерација (родени помеѓу 1980 и 1995 година) кои работат во индустријата за производство, со мисија да ја поддржи нивната професионална едукација, унапредување на вештините и можностите за развој на кариерата. Нашата цел е не само да ја зајакнеме вашата позиција во индустријата, туку и да промовираме европска соработка и мрежно поврзување, кои се клучни за успех во денешниот свет.
д-р Маја Аначкова ,Доцент на Машински факултет-Скопје
Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје