EWA ментори во фокус: Совети од најдобрите – Интервју со Предраг Стојковски
Во свет кој постојано се менува, каде што знаењето и искуството играат клучна улога во личниот и професионалниот развој, менторството станува еден од највредните алати за поддршка и напредок. Во таа насока, во рамки на програмата Empowering Women in Agrifood (ЕWA), менторството го зазема централното место, тоа не само советодавна улога, менторството е низа на падови и подеми која треба да ја изодат избраните жени претприемачки водени од своите ментори.
EWA програмата е креирана од EIT Food, најголемата европска иницијатива за иновации во храна, која се спроведува во Македонија во соработка со Фондација за Менаџмент и индустриско истражување. По успешното започнување на оваа иницијатива, решивме да започнеме серијал „EWA ментори во фокус: Совети од најдобрите“ во кој ќе ве запознаеме со менторите кои стојат зад развојот на бизнис идеите предводени од избраните кандидатки.

Во денешното интервју разговараме со Предраг Стојковски кој е искусен економист, претприемач и консултант со над 15-годишно искуство во маркетинг, бизнис развој и дигитална трансформација. Како извршен директор на Нова Солушнс, Предраг им помага на компаниите да изградат силни брендови и ефективни дигитални стратегии. Тој своето знаење го применува како ментор и предавач – посветен на поддршка на претприемачи и млади лидери.
Во оваа менторска приказна, Предраг работи со Тања Марковска, која стои зад Нутрифина – бренд за производство на 100% природни путери од јаткасти плодови, кој ја комбинира љубовта кон здравата храна со силна социјална мисија: економско и правно јакнење на жените од рурални средини.

Кој е вашиот професионален пат и како стигнавте до позицијата ментор во EWA програмата?
Мојот професионален пат започна уште во Србија, каде што живеев и каде го стекнав моето образование. Првата работна позиција ми беше во бизнис консалтинг компанија, за изработка на деловни планови за мали и средни претпријатија, кои аплицираа за кредитна поддршка кај банките, како и за финансиска поддршка од различни државни фондови за развој.
Во 2007 година се преселив во Битола, каде што стекнатото искуство сакав да го пренесам со отворање на консалтинг компанија за финансии и изработна на деловни планови. Не одеше најсјајно, затоа полека се префрлив во маркетинг води, што всушност беше и мојата академска позадина. Се вработив во Нова Солушнс, прва дигитал маркетинг агенција во Македонија, за потоа во 2015 година да станам и извршен директор на компанијата.
Со текот на работењето и со стекнатото искуство, полека се вклучував и во менторски сектор. Најпрво во 2019 година како ментор за почетни бизниси, а потоа и како ментор преку програмата на UNDP во 2022 година. Истата година, по покана на Никола Димковски, JICA ментор во рамките на Агенцијата за поддршка на претприемништво на Р. Македонија, се запишав на обука за JICA ментор. Но, тука не застана патот на усовршувањето. По препорака на Игор Мишевски, сопственикот на Нова Солушнс, аплицирав за обука за сертифициран консултант за дигитална трансформација, која успешно ја завршив во 2024 година.
Оваа програма ми се допадна од прв поглед и со задоволство ја испратив апликацијата за ментор.
Како ментор, што сметате дека е најважно да се пренесе на младите жени во оваа програма?
Сметам дека најважно е да им се пренесе вербата дека успехот е можен и во земјоделскиот и во прехранбениот сектор, без разлика дали доаѓаат од урбана или рурална средина. Многу често жените имаат добри идеи, но се соочуваат со сомнежи – дали пазарот е подготвен за нивниот производ, дали ќе имаат финансиска поддршка или пак дали тие самите имаат доволно знаење за да започнат. Токму тука е улогата на менторот – да ги охрабри, но и да им даде практични насоки како идејата да се претвори во одржлив бизнис.
Она што јас се трудам да го пренесам е комбинација од три клучни нешта:
Јасна визија и реален план – без конкретен деловен модел и план за финансиска одржливост, најдобрата идеја може да остане само хоби.
Прилагодливост и учење од пазарот – потребно е жените да научат да го слушаат пазарот и да бидат флексибилни, затоа што потрошувачките навики брзо се менуваат, особено во прехранбената индустрија.
Самодоверба и вмрежување – не смеат да се плашат да се појават на настани, да зборуваат за својот производ и да градат контакти. Често токму една добра препорака или партнерство е клучот за успех.
Најмногу ме радува кога ќе видам како жените во текот на програмата добиваат храброст, се ослободуваат од стравот од неуспех и почнуваат да размислуваат како претприемачи, а не само како производители или услужувачи. Тоа е вистинскиот момент кога знам дека менторството има смисла.
Тргнувајќи од вашето долгогодишно искуство, кој е најважниот совет што би го дале на една претприемачка за да ја претвори својата идеја во успешен бизнис?
Најважниот совет е да ја тестира идејата на пазарот што е можно побрзо и со најмал можен ризик. Многу претприемачки трошат премногу време на совршенство – совршен производ, совршено пакување, совршен бизнис план – а пазарот може да покаже дека е потребно нешто сосема друго.
Започни малку, но паметно: направи пилот производ, побарај искрен фидбек од потенцијални клиенти и слушај ги нивните потреби. Кога ќе видиш дека има интерес и побарувачка, тогаш инвестирај повеќе.
И второ – биди истрајна и подготвена за промени. Успешните претприемачи не се оние што имале совршена идеја, туку оние што биле доволно упорни да ја приспособат идејата на пазарот.
Кое е вашето лично мото или филозофија кога станува збор за поддршка и развој на талентирани млади луѓе?
Мојата филозофија е дека желбата сама по себе не е доволна – потребни се знаење, дисциплина и вистинска поддршка за да се претвори во успех. Верувам дека секоја личност има свој „момент на искра“ – момент кога некој ќе ѝ даде охрабрување, ќе ја сослуша и ќе ѝ помогне да ја структурира својата идеја. Токму тоа се обидувам да го направам како ментор – да бидам личноста што ќе ги насочи, но и ќе ги предизвика да размислуваат пошироко и поамбициозно.
Едно мое лично мото е: Направи го првиот чекор, дури и ако е мал – тој ќе те одведе до следниот. Мислам дека младите луѓе треба постојано да се едуцираат, да ги користат можностите за обука и менторство и да не се плашат да бараат совети. Колку и да е добар нечиј талент, успехот доаѓа со континуирана работа и со тоа да се биде отворен за нови знаења и искуства.

Програмата Empowering Women in Agrifood EWA ги поддржува жените во развојот на нивните агро-прехранбени бизнис идеи не само преку финансирање, туку и преку специјализирани обуки, менторство и можности за вмрежување. Оваа иницијатива има за цел сеопфатно да ги поддржи претприемачките жени во раната фаза од нивната кариера, притоа овозможувајќи им пристап до знаење и релевантни контакти за успешен почеток и развој на одржливи бизниси во агро-прехранбениот сектор.
Во време кога агро-прехранбениот сектор се соочува со потреба од дигитална трансформација, одржливост и иновација, прашањето е: Кој ќе ги донесе тие промени ако не жените со визија? А кој ќе ги поддржи, ако не менторите со искуство?