Пенка Мукаетова

EWA ментори во фокус: Совети од најдобрите – Интервју со Пенка Мукаетова

Во свет кој постојано се менува, каде што знаењето и искуството играат клучна улога во личниот и професионалниот развој, менторството станува еден од највредните алати за поддршка и напредок. Во таа насока, во рамки на програмата Empowering Women in Agrifood (ЕWA), менторството го зазема централното место, тоа не само советодавна улога, менторството е низа на падови и подеми  која треба да ја изодат избраните жени претприемачки водени од своите ментори.

EWA програмата е креирана од EIT Food, најголемата европска иницијатива за иновации во храна, која се спроведува во Македонија во соработка со Фондација за Менаџмент и индустриско истражување. По успешното започнување на оваа иницијатива, решивме да започнеме серијал „EWA ментори во фокус: Совети од најдобрите“ во кој ќе ве запознаеме со менторите кои стојат зад развојот на бизнис идеите предводени од избраните кандидатки.

 Пенка Мукаетова

Серијалот го продолжуваме со Пенка Мукаетова, правен консултант со докажана експертиза во деловното и корпоративното право. Со своето учество во голем број домашни и меѓународни проекти, таа активно придонесува за подобрување на бизнис климата во земјата и регионот. Како голем поддржувач и промотор на женското претприемништво, таа е истовремено и искусен предавач и бизнис ментор. Воедно, е член на Управниот одбор на Сојузот на стопански комори на Македонија, каде што активно учествува во креирањето на политики за поддршка на претприемништвото и економскиот развој.

Во оваа менторска приказна, таа работи со Гордана Несторовска, основачка на идејата „Нутри Протеин“, насочена кон одржливо производство на протеини преку преработка на инсекти во висококвалитетен протеински прав. Од протеински шејкови и пудинзи до различни адитиви за храна, решение на кое работи Гордана е иновативно, здраво и еколошки одговорно. Со својата визија, таа придонесува кон градење на поодржлива иднина во прехранбениот сектор.

Img 6343

Кој е вашиот професионален пат и како стигнавте до позицијата ментор во EWA програмата?

Мојот професионален пат е резултат на повеќе од 15 години активно искуство во полето на правниот и финансискиот консалтинг, поддршката и промоцијата на претприемништвото во секој сегмент. Како основач и генерален менаџер на консултантската компанија Консалтинг Интер Груп, имав можност да соработувам со голем број микро, мали и средни компании, во насока на развојни бизнис стратегии, преку изработка на бизнис планови, деловни и маркетинг стратегии, правни и финансиски советувања, пристап до финансии и модели за одржлив раст. Покрај тоа, долги години сум вклучена во работни групи и тела поврзани со креирање на бизнис политики за развој на женското претприемништво. Посебен фокус во мојата работа има женското претприемништво. Денес сум менторски и стратешки потпишана зад повеќе од 350 женски бизниси. Тоа искуство ми даде длабоко разбирање за специфичните предизвици и потенцијалот што жените го носат во светот на бизнисот. Верувам во моќта на менторството, не само како поддршка, туку како можност за градење самодоверба, лидерство и економска независност. Од друга страна, сметам дека секој бизнис има своја приказна, но и свој предизвик. Менторството за мене не е само професионална одговорност, туку и лична мисија, односно помагање во повеќе сегменти, посебно на жените претприемачи и тоа најмногу преку градење самодоверба, јасна визија, насоки и конкретни алатки за раст.

Препознавањето од страна на EIT и вклучувањето како ментор во рамки на EWA програмата го гледам како логичен чекор на ова патување и како можност да придонесам за развој на поинклузивна и поодржлива претприемничка заедница кај нас.

Како ментор, што сметате дека е најважно да се пренесе на младите жени во оваа програма?

Најважното што секоја млада жена треба да го понесе од оваа програма е свесноста дека патот на претприемништвото е процес. Понекогаш тежок, но секогаш вреден. Затоа, ги охрабрувам да бидат истрајни, дури и кога се соочуваат со предизвици и да веруваат во себе и во својата визија. Успехот не доаѓа преку ноќ, но со доследност и посветеност, тој е апсолутно возможен. Дополнително, особено важно е да останат отворени за учење. Постојаното информирање, следење на трендовите и инвестирање во сопствена едукација се клучни за да останат релевантни и конкурентни во областа во која работат. Светот брзо се менува, а претприемачите кои се подготвени да се прилагодуваат и растат со него, се оние кои навистина ќе направат разлика. На крајот, мојата порака е: не плашете се да започнете, дури и ако сè уште не е „савршено“. Храброста да се тргне напред често е најголемата добивка.

Врз основа на вашето искуство како консултант, кој е најпотценетиот, а сепак клучен аспект на бизнис планирањето што претприемачите, особено во агро секторот, често го занемаруваат?

Најпотценетиот, но истовремено клучен аспект е темелното познавање на самиот агро сектор. Често се случува претприемачи да влезат во овој бизнис водени од идеја, субвенции или трендови, без да ја разберат реалната динамика, сезонските циклуси, ризиците и регулативите кои го следат овој сектор. Тоа може да доведе до погрешни одлуки уште во фазата на планирање. Вториот, еднакво важен момент, е подготвеноста да се истрае. Агро секторот е предизвикувачки, непредвидлив и бара време, вложувања и многу трпение. Многумина го потценуваат менталниот и физичкиот напор што го носи оваа индустрија. За да се опстои и расте, потребна е постојана будност и јасна визија, не само кога работите одат добро, туку и кога наидуваат кризи и неуспеси. Успехот во агро претприемништвото не доаѓа преку ноќ, туку се гради со истрајност, дисциплина и силна подготвеност да се издржи целиот пат, од идеја до реализација и одржлив раст.

Кое е вашето лично мото или филозофија кога станува збор за поддршка и развој на талентирани млади луѓе?

Мојата филозофија се темели на четири клучни вредности: верба во себе, храброст, упорност и континуирано вложување во себе. Верувам дека секој млад талент има потенцијал за успех, но тој се реализира само ако се комбинираат лична иницијатива со поддршка од вистинските луѓе и вистинската средина. Ги охрабрувам младите да бидат подготвени да преземат ризик, да излезат од својата комфорна зона и да го следат својот пат, дури и кога е неизвесен. Животот и бизнисот носат многу предизвици, но кога се соочуваме со нив со крената глава, со јасна цел и верба во себе, токму тие предизвици стануваат наша најголема сила.

Img 6344

Програмата Empowering Women in Agrifood EWA ги поддржува жените во развојот на нивните агро-прехранбени бизнис идеи не само преку финансирање, туку и преку специјализирани обуки, менторство и можности за вмрежување. Оваа иницијатива има за цел сеопфатно да ги поддржи претприемачките жени во раната фаза од нивната кариера, притоа овозможувајќи им пристап до знаење и релевантни контакти за успешен почеток и развој на одржливи бизниси во агро-прехранбениот сектор.

Во време кога агро-прехранбениот сектор се соочува со потреба од дигитална трансформација, одржливост и иновација, прашањето е: Кој ќе ги донесе тие промени ако не жените со визија? А кој ќе ги поддржи, ако не менторите со искуство?

Добивај информации по е-пошта

Биди во тек со сите активности!