EWA ментори во фокус: Совети од најдобрите – Интервју со Игор Николоски
Во свет кој постојано се менува, каде што знаењето и искуството играат клучна улога во личниот и професионалниот развој, менторството станува еден од највредните алати за поддршка и напредок. Во таа насока, во рамки на програмата Empowering Women in Agrifood (ЕWA), менторството го зазема централното место, тоа не само советодавна улога, менторството е низа на падови и подеми која треба да ја изодат избраните жени претприемачки водени од своите ментори.
EWA програмата е креирана од EIT Food, најголемата европска иницијатива за иновации во храна, која се спроведува во Македонија во соработка со Фондација за Менаџмент и индустриско истражување. По успешното започнување на оваа иницијатива, решивме да започнеме серијал „EWA ментори во фокус: Совети од најдобрите“ во кој ќе ве запознаеме со менторите кои стојат зад развојот на бизнис идеите предводени од избраните кандидатки.

Овојпат ви го претставуваме Игор Николоски, консултант со повеќе од 20 години искуство во претприемништво, иновации и развој на политики, кој работи на голем број проекти од меѓународни организации и институции низ Западен Балкан. Како ко-автор на Националната стратегија за МСП 2017–2023 и независен експерт за ОЕЦД, Игор активно придонесува кон развојот на претприемништвото, иновациите и образованието, посветувајќи ја својата работа на креирање политики и иницијативи што го поттикнуваат економскиот раст и одржливиот развој.
Во оваа менторска приказна, тој работи со Марија Георгиевска, која преку Билкилајф создава искуства кои го поврзуваат човекот со природата. Од чаеви и зачини, до билни церемонии и инклузивен туризам, таа промовира здрав живот и локално производство со што го цели кон градење на еко-свесна заедница.

Кој е вашиот професионален пат и како стигнавте до позицијата ментор во EWA програмата?
Веднаш по завршување на моето високо образование, се вклучив во проектот финансиран од страна на ЕУ, во рамките на кој се изработуваше правата стратегија за МСП. Тимот во кој бев вклучен исто така работеше и на зајакнување на капацитетите на институциите кои беа вклучени во давање поддршка на претприемачите и креирање на регионална мрежа од организации за поддршка на малите и средни претпријатија (МСП).
Уште од самиот почеток на мојата кариера и успешно реализираниот проект, знаев дека и во иднина ќе продолжам да работам на проекти и активности за креирање на политики за поддршка на овој сектор, подигање на капацитетите на тие кои ги креираат политиките, но и тие кои се корисници на истите, како и креирање на услови за подобро деловно опркужување и поддршка при надминување на предизвиците со кои се соочуваат претпримачите. Од оваа временска перспектива, ако погледнам наназад низ годините, работењето на голем проекти финансирани од меѓународни организации, работењето во неколку компании од приватниот сектор на извршни функции, и самиот факт што и јас сум претприемач и долги години со сопстеник на успешно мало претпријатие, го дава одговорот како стигнав до позицијата ментор во оваа програма.
Верувам во менторството како алатка која во голема мера им помага на старт-ап компаниите да го надминат период на „преживување“ и да опстојат на пазарот, додека за останатите компании менторството значи поддршка за полесно остварување за зацртаните цели и полесно справување со предизвиците со кои се соочуваат претприемачите во тековното работење.
Сето ова, некако ме поттикна да се вклучам во оваа инцијатива, зашто верувам дека мое искуство можам да го пренесам на учесниците во програмата.
Како ментор, што сметате дека е најважно да се пренесе на младите жени во оваа програма?
Како ментори вклучени во оваа програма, мислам дека пред сѐ знаењето кое го поседуваме, како и искустото кое го имаме, треба да го пренесеме на учесниците кои се дел од оваа програма, се со цел да ги насочиме и помогнеме да ги остварат своите зацртани цели, но и да ги посоветуваме да не ги направат грешките кои ги направиле другите компании во нивната фаза на развој.
Исто така, лично јас би бил многу среќен ако помогнам во креирање на нови партнерства и вмрежувања со други компании, потенцијални клиенти и организации со кои во идина ќе можат да аплицираат на нови проекти, да развиваат нови производи, заеднички да настапат на други пазари итн.
Информациите кои ги имаме како ментори, а кои се во насока на достапна поддршка за развој на бизнисите кои ги нудат различните институции и организации во државава и пошироко е исто така една од работите што треба да ја споделиме со учесничките и да ја подигнеме свеста во иднина сами да ги користат овие можности кои би им помогнале во понатамошен развој на нивните бизниси.
Која грешка ја забележувате најчесто кај жените претприемачки што започнуваат сопствен бизнис и како би ги советувале да ја избегнат?
Кога си сам свој газда, некои работи се полесни, од аспект на управување на компанијата, но од друга страна има многу други работи кои поради недостаток на време, претприемачите не ги согледуваат. Поради тоа, моја препорака би била да ги користат сите достапни можности кои ги нуди државата преку Министерството за економија и труд, Агенцијата за поддршка на претприемништвото и другите институции кои обезбедуваат некаков вид на поддршка за бизнисите, како на пример менторството, ваучери за користење советодавна поддршка, итн. Исто така, покрај државните институции, постојат и други организации во денешно време кои даваат техничка помош за развој на бизнисите, со фокус на жените претприемачи.
Преку овие мерки и активности во голема мера им се помага на компаниите да ги согледаат проблемите и предизвиците со кои се соочуваат, кои некогаш самите не можат да ги увидат, а кога ќе се случи тоа во некои случаеви е веќе предоцна.
Во таа насока, една од препораките би била искористување на можностите и поддршка која е достапна за жените претприемачки, но исто така, кога станува збор за водење бизнис, податоците и анализата на истата е исто така една од суштински работи на кои треба да се фокусираат жените претприемачки, но и генерално сите кои започнуваат со свој бизннис. Кога збориме за податоци и анализи во голема мера тоа се однесува на анализа на пазарот и клиентите, анализа на конкуренцијата, анализа на тоа што следи во таа индустрија и кои се новите трендови, итн. Некако поради немање време, овие работи изостануваат, но се многу важни за да се дефинираат идните одлуки кога станува збор за развој на претпријатието.
На крај би напоменал дека многу е важна промоцијата и соодветниот (дигитален) маркетинг. Живееме во време на социјални медиуми кои се моќна алатка за промоција на малите бизниси. Поради тоа, преку овие медиуми може за краток временски интервал голем број на потенцијални клиенти да бидат информиран за вашите деловни активности, и токму поради тоа, многу е важен начинот на комуникација и квалитетот на истата.
Секако, пред што и да се прави во таа насока, мора да се осигура дека производот или услугата што се нуди задоволуваат некои основни стандарди на квалитет, зашто во спротивно, каква и да е промоцијата, ако производот или услугата не е квалитетна тогаш долгорочно бизнисот нема да опстои.
Кое е вашето лично мото или филозофија кога станува збор за поддршка и развој на талентирани млади луѓе?
Пред сѐ, што и да работите треба да ја сакате и да ве исполнува таа работа. Така е и со сопствениот бизнис. Покрај финансиите, бизнисот треба да ве исполнува и на друг начин, и секој остварен резултат треба да биде дополнителна мотивација да бидете уште подобри и да ги остварите зацртаните цели.
Дополнитено, праксата од другите земји покажува дека државата е таа што треба да ги поддржи младите талентирани луѓе и да обезбеди најразлични механизми и форми на поддршка се со цел нивните бизнис идеи да станат реалност. Поддршката исто така треба да се реализира во фази во зависност од нивото на развој на самите претпријатија затоа што потребите на новоформираните компании не секогаш се исти со тие што постојат и работат на пазарот повеќе години.
Како држава мислам дека работиме на тоа преку различни механизми кои се реализираа преку Фондот за иновации и технолошки развој, но исто така, треба да бидеме спремни и да ги зајакнеме интерните капацитети за користење и на другите можности кои ги нуди ЕУ.

Програмата Empowering Women in Agrifood EWA ги поддржува жените во развојот на нивните агро-прехранбени бизнис идеи не само преку финансирање, туку и преку специјализирани обуки, менторство и можности за вмрежување. Оваа иницијатива има за цел сеопфатно да ги поддржи претприемачките жени во раната фаза од нивната кариера, притоа овозможувајќи им пристап до знаење и релевантни контакти за успешен почеток и развој на одржливи бизниси во агро-прехранбениот сектор.
Во време кога агро-прехранбениот сектор се соочува со потреба од дигитална трансформација, одржливост и иновација, прашањето е: Кој ќе ги донесе тие промени ако не жените со визија? А кој ќе ги поддржи, ако не менторите со искуство?