EWA Matchmaking 2025: Сесија за вмрежување и презентација на иновациски идеи во агро-прехранбениот сектор предводени од жени
На 20-ти јуни (петок), во Public Room се одржа EWA Matchmaking 2025, настан организиран во рамки на програмата Empowering Women in Agrifood (EWA), поддржана од EIT Food, со локална имплементација од страна на Фондацијата за Менаџмент и индустриско истражување.
Овој динамичен и инспиративен настан беше целосно посветен на поддршка на жените претприемачки кои развиваат иновативни идеи во агро-прехранбениот сектор. Целта на сесијата беше да се создадат значајни врски помеѓу менторките и менторите од една страна, и менторираните жени од друга страна – како почетна точка за една шестмесечна менторска програма која ќе резултира со напредни и одржливи бизнис решенија.

Настанот започна со воведна презентација од страна на тимот на МИР, каде беа објаснети целите на програмата, нејзината структура, очекувањата од учесниците и улогата на менторите. Особено внимание беше посветено на значењето на менторството како алатка за личен и професионален раст. Во продолжение, учесничките ја имаа својата прва можност да се претстават пред менторите и публиката, преку кратки пич-презентации од по 5 минути, во кои ги споделија своите бизнис идеи, инспирацијата зад нив и визијата за нивниот идни развој.
Една од најзначајните компоненти на настанот беше интерактивниот разговор помеѓу менторите и менторираните, наменет за запознавање, поставување на заеднички цели и дефинирање на следните чекори во рамки на менторскиот процес. Сесијата заврши со неформално вмрежување и заеднички ручек, што овозможи продолжување на разговорите во опуштена атмосфера.

Овие инспиративни жени се дел од потесниот избор на учеснички кои добија можност да развиваат своја иновација со водство од искусни ментори. Тие се доказ дека претприемништвото во агро-прехранбениот сектор може и мора да биде родово инклузивно и иновативно.










Без посветеноста на искусните професионалци кои се вклучени како ментори, оваа програма не би имала истото влијание. Со огромна благодарност ги претставуваме нашите ментори кои ќе работат со учесничките низ следните шест месеци:
Звонко Пацановски, Пенка Мукаетова, Загорка Блажевска, Деспина Поповска Стојанов, Димитар Јовевски, Јана Клопчевска, Жаклина Голчева, Игор Николоски, Предраг Стојковски, Сашо Велковски. Нивното искуство во бизнис развој, иновации, маркетинг, менаџмент и одржливост ќе биде непроценлив ресурс за напредокот на менторираните.

Оваа сесија претставуваше клучен подготвителен чекор кон локалниот Pitching настан, кој ќе се одржи подоцна оваа година. Тогаш, учесничките ќе ги презентираат финализираните верзии на нивните бизнис идеи пред стручно жири и поширока јавност. Две најуспешни учеснички ќе добијат финансиска поддршка за реализација на своите идеи – првата награда изнесува 10.000 евра, а втората 5.000 евра.
Програмата Empowering Women in Agrifood EWA ги поддржува жените во развојот на нивните агро-прехранбени бизнис идеи не само преку финансирање, туку и преку специјализирани обуки, менторство и можности за вмрежување. Оваа иницијатива има за цел сеопфатно да ги поддржи претприемачките жени во раната фаза од нивната кариера, притоа овозможувајќи им пристап до знаење и релевантни контакти за успешен почеток и развој на одржливи бизниси во агро-прехранбениот сектор.
Фондацијата за Менаџмент и индустриско истражување непрофитна организација која се фокусира на поддршка на иновациите, трансферот на технологии и родовата еднаквост во истражувањето и претприемништвото. Задоволство е што во Македонија за прв пат сe имплементира оваа програма од страна нашата фондација. Истражуваме и иновираме за да го поддржиме растот на економијата и општеството. Соработуваме со претпријатијата за да им помогнеме да се развиваат и да пристапат до глобалните пазари. Промовираме еко-иновации за генерирање на бизнис можности. Ја поттикнуваме социјалната кохезија во насока на економски развој и одржлив раст.