Потпишан договор за соработка помеѓу Enterprise Europe Network во Македонија и X Фактор Акцелератор
Enterprise Europe Network во Македонија ја реализира својата мисија за поддршка на иновативноста и интернационализацијата на македонските МСП во тесна соработка со бројни локални чинители од претприемачкиот еко-систем. Преку различните механизми за локална соработка и партнерство, реализирана е поддршка на бројни македонски компании, особено на полето на настап на странски пазари и поврзување со партнери за долгорочна соработка. Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување од самите почетоци ги поддржува македонските компании со услугите кои се дел од Enterprise Europe Network.
Деновиве беше потпишан договор за соработка помеѓу Enterprise Europe Network во Македонија и X Фактор Акцелератор. Оваа соработка ќе овозможи целосно користење на експертизата на двете организации како и остварување на заеднички цели за поттикнување, насочување и стимулирање на иновативните технологии, комерцијализација на иновациите и интернационалниот раст на македонските компании.
Македонските компании ќе имаат можност сеопфатно да се информираат за организација на едукативни и информативни настани, изнаоѓање на бизнис партнери, стручни совети за достапните извори на финансирање. Enterprise Europe Network во Македонија (ЕЕН-М) е дел од Enterprise Europe Network најголемата мрежа на организации за поддршка на малите и средни претпријатија во Европа и пошироко. X Фактор Акцелератор ДОО Велес е првиот и единствен бизнис акцелератор надвор од Скопје, кој е основан од инвеститори со големо практично искуство во креирање, управување и поддршка на развојот на успешни старт-ап бизниси.
Мисијата на X Фактор Акцелератор е да се поттикне регионалното претприемништво за раздвижување на старт-ап сцената надвор од главниот град. Ова ќе се постигне преку ,,паметни инвестиции’’ во иновативните бизниси, со што ќе им се обезбеди не само финансиска, туку и менторска поддршка за глобален раст.
Enterprise Europe Network во Македонија ќе продолжи да соработува со локалните партнери и во следниот период, преку заеднички активности на поддршка се очекува вклучените компании да го унапредат своето работење како и да ја зацврстат својата позиција на македонскиот и странските пазари.